Планинарењето не значи само искачување на врвови и да се обиколуваат планините, туку на вистинскиот планинар тоа му е начин и стил на живот. Тој ја живее планината, се грижи за неа, ја штити, и се восхитува, а истовремено во себе носи големо стравопочитување кон неа.

Планините и природата општо се достапни за секого и во кој било момент можеме да уживаме во убавините кои ни ги пружаат, но за навистина да уживаме, а да не ни насесуваат разно разни проблеми и последици од незнаење, би било паметно да се стекне претходно знаење како и самите основи на планинарењето, така и за опасностите на кои можеме да наидеме и начинот на кој можеме да си помогнеме себеси и на другите. На едноставен начин можеме да зачекориме во планинарскиот свет преку зачленување во планинарско друштво.

Првиот чекор секако би бил зачленување во планинарско друштво по сопствен избор. Денес постојат многу планинарски друштва кои во текот на целата година запишуваат нови членови на кои ќе им нудат знаење и многубројни планинарски акции. Таквите друштва освен планинарски организираат и разни работни акции (обнова на планинарски домови, пошумување, маркирање на патеки, одржување на планинарски патеки и слично) и на секој поединец му нудат со својата креативност, знаење и залагање директно да учествува како во планинарската така и во друштвената заедница.

Со приклучување во планинарско друштво и плаќање на планинарска членарина станувате член на ФПСМ и со тоа остварувате право на низа удобности предодредени со книшката, попусти на ноќевања во планинарски домови, попусти за влезници во одредени планинарски паркови, попусти во планинарски и спортски продавници и друго.