Нема што да се убедуваме, сигурно и сами знаете - одењето во планината носи бројни и различни бенефити.

Поздраво тело, смирен дух, надополнување со пријатни емоции... позитивна вибрација меѓу природата во комбинација со физичка активност. Сепак произлегува дека одењето во планина ни носи и уште еден плус - научниците се категорични дека тоа доведува и до плодно влијание врз мозокот.

Стоп на негативните мисли и емоции

Покрај моменталното чувство на спокојство и смиреност штом се најдеме во природа, отворениот простор има способност да го натера мозокот да престане со циклусите на негативни мисли. Додека во градските средини каде сте под стрес од работата, тешко е да се исклучите од процесот, дури и кога правите нешто друго или додека одмарате.

Hiking

Процесите продолжуваат да течат, макар и несвесно во заден план, што пак според научниците може да е една од причините за појава на депресивни или анксиозни состојби. За сметка на тоа, времето поминато во природа значително ги намалува опсесивните мисли - што е утврдено во едно истражување објавено во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.

Учесниците во ова истражување беа поделени во две групи, едните биле на 90-минутна прошетка во урбанизирани средини, а другите во природа. Оние кои ги напуштиле градските средини имале значително пониско ниво на опсесивни мисли и намалена активност во делот од мозокот одговорен за психички болести. Заклучокот на научниците е дека урбаната средина влијае врз развојот на психичките проблеми, а редовното излегување во природа може да делува благотворно и да го намали штетното влијание на градските средини и бучавата.

Зголемување на креативноста

Ако излегувате од градските средини, за да се „споите“ со вредната енергија на природата, најдобро е да се насочите кон места каде опсегот на телкомуникациските мрежи е мал. Или едноставно исклучете го телефонот! Едно истражување на психолозите Рут Ен Ачли и Дејвид Л. Стрејер утврдува дека времето поминато во природа без контакт со технологија, ја зголемува креативноста и ја подобрува нашата способност да донесуваме одлуки.

Hiking

Учесниците во ова истражување биле на 4-дневен престој во планина, на кои им биле поставувани задачи за извршување кои барале креативно размислување и донесување на комплексни одлуки.

Делот од групата која немала пристап до технологија, покажувала 50% подобри резултати во споредба со учесниците кои останале „врзани“ со телефоните. Според истражувачите технологијата и воопшто градската бучава постојано го бара нашето внимание и ни го попречува фокусот, и на тој начин влијаат негативно на когнитивните способности.

Еден подолг престој во природа може да се покаже дека токму тоа ни е потребно за да го намалиме заморот на мозокот и да ги повратиме нашите креативни способности.

Не заборавајте на помалите, научете ги децата да ја сакаат природата

Не само поради поголемата веројатност дека кога ќе пораснат ќе станат луѓе полни со љубов кон спортот, физичката активност и ќе поминуваат надвор во природа, со сите предности што таа ги носи, туку и поради тоа што времето во природата може да е фактор во справувањето со најчестите проблеми меѓу тинејџерите, синдромот на дефицит на внимание и хиперактивност (ADHD).

Hiking

Едно истражување меѓу деца со ADHD открива значително намалување на симптомите на неспособност за концентрација и хиперактивност кај оние кои се изложени на чест контакт со природата и активности на отворено.

Живејте подолго и подобро

Прошетките во природа се одлична физичка активност која топи 400 до 700 калории на час, во зависност од оптеретувањето. Освен тоа делува помалку оптоварувачки на зглобовите, во споредба со трчањето, но бидејќи е аеробна активност ги има истите позитивни влијанија - штити од губење на меморијата, го намалува стресот и напнатоста, ја подобрува самодовербата и помага во ослободувањето на ендорфин. Планините ни делуваат како зависност од дрога и не тераат да продолжиме да се враќаме, повторно и повторно кон нив.