Подводниот музеј на дното на Средоземното море станува се поголема туристичка атракција во Турција, а се работи за музеј кој е сместен близу градот Сиде кај Анталија.

Подводниот музеј е отворен на 31 октомври 2015 година во рамки на активностите на Поморската трговска комора ИМЕАК. Сместен е на дното на морето, на длабочина од 11 до 24 метри, музејот моментално има 117 експонати кои говорат за богатото културно-историско наследство на Анадолија.

Музејот од брегот на Сиде е оддалечен околу два километри, а посетителите доживуваат и адреналински предизвик бидејќи нуркаат со врвна опрема и со лиценцирани кустоси и нуркачи.

Подводен музеј

Во изминатите три години Подводниот музеј во Сиде го посетиле 50.000 лица, а пензионираниот командос на турската морнарица и еден од основачите на музејот Ахмет Гулајдин рече дека музејот стана важна туристичка атракција за промоција на Сиде како единствена оаза за нуркање.

Сиде е исклучително богат со подводни ресурси и атракции. Пред десет години тука потопивме и еден брод од крајбрежната стража. Годишно во Сиде доаѓаат околу пет милиони туристи. Сакавме на туристите да им понудиме нешто ново, нешто единствено. Проектот за музеј го поддржа Агенцијата за развој на Западен Медитеран, рече Гулајдин.

Подводен музеј

Скулптурите во музејот се однесуваат на неколку теми кои се важни за историјата на Турција, вклучувајќи ја Битката кај Галипоље, Мевлан и дервишките танци, Војната за независност на Турција и караваните со камили кои некогаш носеле жито од Сиде до Анкара, а во Сиде се носела сол.

Во музејот на дното на морето е поставено и цвеќе во знак на сеќавање на децата и луѓето кои страдаа во Средоземното море во текот на мигрантската криза во Сирија.

Со 117 експонати, Подводниот музеј во Сиде е втор најголем музеј во светот од ваков вид, а поголем постои само во Мексико во кој се изложени 400 експонати.

Сезоната на нуркање во Сиде трае седум месеци годишно. Во светот има три милиони сертифицирани нуркачи авантуристи кои воглавно ги посетуваат Малдивите, Египет, Бали, Тајланд или Мексико. Нашата цел е да ги доведеме во Сиде, рече Гулајдин.