Пред неколку дена, Џени Греам стана најбрзата жена која го обиколи светот со велосипед.

124 дена, 10 часа и 49 минути и требаа на шкотланѓанката да извози 29.657 километри. Почетокот на предизвикот беше на 16 јуни во Берлин, градот кој беше и крајната точка на нејзината турнеја.

Со нејзиното достигнување, Греам постави нов рекорд од скоро три недели од претходната најбрза жена во светот која го обиколила светот со велосипед. Во 2014 година Паола Џаното успева да го направи тоа за 144 дена.

Патувањето на Греам во овие речиси 125 дена ја одведе во повеќе од 10 земји. Меѓу нив се и Германија, Полска, Литванија, Латвија, Русија, Монголија, Кина. Таа потоа со авион заминува во Австралија и Нов Зеланд, кои исто така се дел од предизвикот на Греам.

Обиколката на шкотланѓанката продолжува на Алјаска, од каде стигнува до Канада, а потоа повторно во САД. Претпоследната етапа ја носи во Лисабон, а од таму, Греам брза кон Берлин за да го заврши своето патување и да стане најбрзата жена во светот на велосипед.

Во текот на патешествието, шкотланѓанката немаше дополнителна поддршка, туку само сопствената сила и способности.