Солунска Глава
2540 м.
6

Можеби највисоката планина во Македонија е Кораб, но Јакупица или како уште ја нарекуваат Мокра Планина е најмасивната планина. Оваа убавица е составена од повеќе планински делови меѓу кои Даутица, Голешница, Караџица, Китка и Осој. Највисокиот и најубавиот врв сместен таму високо во нејзините широки прегратки е врвот Солунска Глава (2540 м), кој воедно е еден од најпосакуваните врвови за освојување на многу рекреативни и екстремни планинари.

Планината Јукупица изобилува со разновидна флора и фауна, пасишта и извори-врела.

Предизвикувачкиот врв Солунска Глава може да се освои од две страни и тоа од Скопска страна - планинарскиот дом Караџица и од планинарскиот дом Чеплес односно од Велешка страна.

Преку скопската страна се стигнува со автобус од Скопје до с. Горно Количани или пак, со организиран превоз со комбе до Преслап. Оттаму пеш, до планинарскиот дом Караџица. И до домот можете да одберете дали ќе одите по асфалтираниот пат (11км) до месноста Преслап или пак, преку планинарскиот дом Китка. Маркираниот пат започнува токму од Преслап. Патеката води преку селата Круша и Алдинци до планинарскиот дом Караџица. За овој дел 5 и пол часа во било кој правец. Оние кои имаат сопствен превоз можат да дојдат до домот по асфалтен пат (19км) и по земјен пат (17км). Патеката од домот продолжува по широк пат до месноста Дуње (9км), потоа по букова шума и кривулесто борови до планинарскиот дом Горно Бегово (Исак Русо). За овој дел потребни ќе ви бидат 4 часа. Патеката е уредно обележена, а домот Караџица е постојано отворен како во летните така и во зимските месеци.

Без оглед на тоа од каде и да се одлучите да го освоите овој шармантен врв, нема да зажалите. Но, ако сте љубител на адреналин и авантура, топло ви ја препорачуваме велешката страна преку која се патува многу авантуристички со воз - на железничката линија Скопје - Битола до село Ореше. За да пристигнете до планинарскиот дом Чеплес постојат два правци. Едниот преку с. Папрадиште, а другиот преку с. Нежилово. До овие села се оди по асфалтен пат, а понатаму се продолжува по шумски патишта низ една доста живописна шума и бујна вегетација. Двете патеки се спојуваат пола час пред планинарскиот дом. За овој дел ќе ви бидат потребни 3 часа пешачење. Макркацијата започнува токму од железничката станица во с. Ореше. Патеката од Чеплес пак, за врвот Солунска Глава продолжува по букова шума до долна Бабина дупка каде има прекрасен извор. Од изворот, патеката до Аргачот води по густа, зимзелена шума, а оттаму по ливади и тревни површини до самиот врв. Патот е доста динамичен и интересен, па затоа се повеќе планинари се одлучуваат за оваа страна. Отпрлика 3 часа ќе ви бидат потребни да се најдете до врвот. Планинарскиот дом Чеплес е постојано отворен за време на викендите, но пред да одите потребно е претходно да се најавите.

Инфо+

Корисни информации за планинарите

Позначајни врвови на Јакупица

Солунска Глава 2540 м. - Караџица 2472 м. - Пепелјак 2352 м. - Убава 2346 м. - Пржал 2339 м. - Каменити Брег 2318 м. - Остри Врв 2263 м. -  Миленков Камен 2217 м. - Мирска Вода 2179 м. - Иванов Камен 2108 м. -  Перчулица 2103 м. - Кривул 2088 м. - Бел Камен 2074 м.

Почетни точки за искачување на Солунска глава

Од Скопска страна патеката започнува од рибникот Принц (до рибникот може да се пристигне со возило), по земјен пат за џипови, попатно има кратенки, попатно се пристигнува во пл. дом Караџица, а потоа патеката продолжува исто по земјен пат за џипови до местото Дуње, каде се влегува во шума и се искачува до Бегово поле, и оттука маркирана патека води до самиот врв. Патеката е средно-тешка и потребно време за совладување е 7-8 часа.
Од Велешка страна пристапот е од с. Папрадиште или с. Нежилово каде по маркирана планинарска патека се пристигнува до пл. дом Чеплес и патеката продолжува низ шумата која е до 1800 м., а потоа се излегува на чист предел кој води до врвот. Патеката е средно-тешка и потребно време за совладување е околу 5 часа.

Глацијални езера

На планината Јакупица постојат две глацијални езера Мало и Големо Салаковско езеро, односно Салаковски езера кои се наоѓаат на надморска висина од околу 2100 метри и се едно до друго.

Планинарски домови

Планини

Останати планини во Македонија